ЗАКОН ЗА ЗАШТИТА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ 2020 -ГДПР ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Фев 18, 2020Uncategorized0 comments

„ …казнет за повреда на одредби во однос на заштита на личните податоци, …се соочуваат со поплака во однос на заштита на личните податоци…“ Ова се само дел од насловите кои беа и се актуелни по стапувањето на сила на Регулатива (ЕУ) 2016/679 – Општата регулатива за заштита на личните податоци во мај 2018 година (ГДПР).

ГДПР ја подигна свеста во однос на концептот за приватност, а драконските казни ги поттикнаа компаниите да се стремат кон ново ниво на безбедност при користење и обработка на личните податоци.

Во февруари 2020 година, во Република Северна Македонија е донесен новиот Закон за заштита на лични податоци (Службен весник на Република Северна Македонија бр. 42/20) (во понатамошниот текст „ЗЗЛП“) со цел постојната законска рамка во областа на заштитата на личните податоци да се усогласи со ГДПР.

Рокот во кој контролорите и обработувачите се должни да го усогласат своето работење со одредбите од ЗЗЛП е 18 месеци, односно до 24 август 2021 година.

ЗЗЛП предвидува поактивна улога на контролорот кој ќе треба да превеземе активности за подобрување, надградба и прилагодување на својот воспоставен систем за заштита на личните податоци, односно секој контролор ќе треба да изврши подетална анализа и проценка за да го утврди степенот на усогласеност на постојниот систем со новото законско решение. Контролорот и обработувачот, исто така, се должни да применат соодветни технички и организациски мерки за да обезбедат и да можат да докажат дека обработката на личните податоци  се врши во согласност со одредбите предвидени со ЗЗЛП.

Агенцијата за заштита на личните податоци на својата официјална интернет страница објави информации на активностите за подобрување, надградба и прилагодување на воспоставените системи за заштита на личните податоци од страна на контролорите.

Информациите се достапни на следниот ЛИНК.

Како начин на подигање на степенот за заштита на личните податоци, ЗЗЛП препорачува и носење на Кодекси на однесување и сертификација кои би се применувале во работењето на контролорите и обработувачите.

ЗЗЛП предвидува супервизија во однос на примената на законот, а во зависност од тежината на прекршокот, предвидува и глоби во износ до 2% -4%  од вкупниот годишен приход на контролорот или обработувачот – правно лице (изразена во апсолутен износ) остварен во деловната година што и претходи на годината кога е сторен прекршокот или од вкупниот приход остварен за пократок период од годината што му претходи на прекршокот, доколку во таа година правното лице, започнало да работи, како и глоба  во износ од 300 до 500 евра во денарска противвредност на одговорното лице во правното лице.

Оттука, со оглед на тоа дека со ЗЗЛП се предвидуваат повеќе измени и нови активности за контролорите и обработувачите, а воедно им се даваат повеќе права на субјектите на лични податоци, контролорите и обработувачите треба ефикасно да го искористат законски дадениот период од 18 месеци за да можат соодветно да го усогласат своето работење.

MORE NEWS

error: Content is protected !!