Глобалната пандемија COVID-19 влијае на сите сфери во општеството, но во борбата со пандемијата не може да ја занемариме потребата од континуитет на деловните активности. Кога станува збор за спојување, преземање, или пак заедничка контрола на претпријатија во одредени случаи предвидени со Законот за заштита на конкуренцијата[2] постои обврска за задолжително известување за концентрација до Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Во однос на постапките кои се водат пред Комисијата за заштита на конкуренцијата, посебно во делот на концентрациите, постојат низа чекори кои треба да се поминат и административни рокови кои треба да се почитуваат. Ова особено кога станува збор за обврска за известување за концентрација, со целата документација која треба да се прибави и приложи, потоа постапка за оцена на концентрацијата, а доколку Комисијата за заштита на конкуренција оцени дека е потребно, треба да се спроведе и истражување во одделни сектори на економијата и одделни видови договори или пак да се прибават докази на самото место.
Во постапките пред Комисијата за заштита на конкуренцијата се применува Законот за општата управна постапка.
Во Република Северна Македонија е донесена Уредба со законска сила за примена на Законот за општата управна постапка за време на вонредна состојба[4] согласно која и роковите, освен во постапките за јавни набавки, кои се определени за преземање на одделни дејствија во постапката, односно роковите кои ги определува овластеното службено лице, кои истекуваат за време на траење на вонредната состојба, престануваат да течат за време на траењето на вонредната состојба и продолжуваат по истекот на траењето на вонредната состојба, но само за онолку денови колку што преостанале, и тоа од денот на истекот на траењето на вонредната состојба. По исклучок на горенаведеното, овластеното службено лице, по молба на заинтересирано лице заради постоење на оправдани причини може да одлучи поинаку. Оттука, доведено е во прашање и работењето на Комисијата за заштита на конкуренцијата и текот на постапките, веќе започнати и идни.
Комисијата за заштита на конкуренцијата и натаму прима поднесоци во нејзината архива секој работен ден од 9,00 часот до 13,00 часот.
Меѓутоа, со оглед дека роковите за одлучување по предметите, меѓу кои и по поднесените нотификации за контрола на спојувањата, не течат за време на вонредната состојба, по завршување на вонредната состојба, Комисијата за заштита на конкуренцијата, согласно капацитетите ќе настојува да ги заврши предметите во што е можно пократок рок, а во интерес на странките.
[2] Службен весник на Република Македонија бр. 145/10, 136/11, 41/14, 53/16 и 83/18.
[4] Службен весник на Република Северна Македонија бр. 76/2020.