Од 1 јануари 2026 година ќе почне да се применува Законот за безбедност на мрежни и информациски системи.
Со овој закон се врши усогласување со европската правна рамка од оваа област, односно со Директивата на ЕУ 2022/2555 од 14 декември 2022 година чија основна цел е зајакнување на регулативата за заштита од сајбер напади и обезбедување на континуитет на клучните услуги на ЕУ преку висок степен на безбедност на мрежата и информациските системи во Унијата.
Новиот закон претставува прва детална правна рамка во нашата држава за уредување на безбедноста на сајбер просторот. Основна цел на законот е да воспостави висок и заеднички степен на заштита на мрежните и информациските системи, како во јавниот така и во приватниот сектор.
Согласно новиот закон, Министерството за дигитална трансформација и Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (MKD-CIRT) при Агенцијата за електронски комуникации се одговорни за мониторинг, координација и реагирање на сајбер-безбедносни инциденти имајќи во предвид дека безбедноста на сајбер просторот, на мрежните и информациски системи е од суштинско значење заради заштита на клучните инфраструктури во државата.
Со овој закон се настојува да се намали ризикот од инциденти во сајбер просторот, и навремена заштита и справување со закани и инциденти заради обезбедување континуитет во таргетирани услуги, како што се енергетика, здравство, транспорт и финансиски услуги.
Ова ќе се постигне преку зајакната соработка меѓу државните органи, приватниот сектор и меѓународните институции од оваа област, но особено преку воведување на конкретни мерки и обврски на суштинските и важните субјекти, како и спроведување на надзор и контрола од страна на државните органи.
Со вака јасно дефинирана правна рамка, се настојува да се создаде целосен систем на превенција, брза соодветна реакција и координирана соработка, со цел поголема доверба во дигиталното општество, заштита на економијата, како и зголемена сигурност на граѓаните.
Јана Дуковска Деспотовска
Адвокат
Поповски и Партнери



