Со најновите измени на Законот за авторското право и сродните права во Република Северна Македонија кои стапуваат во сила на 7 мај 2025 година, се воведуваат значајни новини што се однесуваат на новинарското творештво.
Посебно внимание привлекуваат две нови одредби кои го дефинираат и заштитуваат новинарското дело како посебно авторско дело. Ова е од големо значење за заштита на правата на новинарите и медиумските професионалци, особено во дигиталната ера каде што содржината лесно се копира, споделува и користи без дозвола.
Според новиот член 12, став 12, како новинарско дело се смета новинарска содржина со посебни жанровски карактеристики која се разликува од дневните вести и други медиумски информации со општ информативен карактер. Ова укажува дека таквото дело поседува зголемена авторска вредност во споредба со дневните вести со општ информативен карактер, кои најчесто не содржат истражувачки, аналитички или документарни елементи. Во оваа категорија влегуваат и текстуални, фотографски и аудиовизуелни прилози кои или се составен дел од новинарското дело или се самостојно објавени како медиумска содржина. На овој начин, законот го препознава новинарството како форма на интелектуална и креативна работа која заслужува авторска заштита.
Дополнително, ставот (3) од членот 13 ја конкретизира заштитата на составните делови од едно новинарско дело. Тоа се: насловот, придружната фотографија на насловот, како и воведниот дел од текстот, односно „лидот“. Овие делови се суштински за привлекување внимание и пренесување на основната порака на содржината. Често се случува токму овие делови да бидат копирани или преземени од други медиуми или платформи без согласност од авторот. Со оваа новина, новинарите добиваат можност да ги заштитат дури и тие најкратки и најпрепознатливи делови од нивната работа.
Особено битна е и измената со која се регулираат односите помеѓу агрегаторите на вести и авторите на новинарски дела. Со оваа измена се предвидува дека агрегаторите на вести кои јавно соопштуваат наслови од написи, статии или други слични дела ќе бидат обврзани да склучат договор за лиценцирање со носителите на авторските права. Со овој договор ќе се утврдат условите за преземање и дистрибуција на содржина преку интернет, како и обврската на агрегаторите да плаќаат надоместок за користење на содржината, а агрегаторите ќе можат да преземаат само хиперлинк до оригиналната содржина, насловот, фотографијата и логото на медиумот, без менување на контекстот на оригиналниот напис.
Оваа мерка е воведена со цел да се заштитат медиумите од неовластено користење на нивните содржини без соодветен надоместок.
Предлогот е усогласен со Директивата (ЕУ) 2019/790 за авторското право во дигиталниот единствен пазар, особено член 15 со кој се признаваат правата на издавачите на медиуми во однос на дигиталната употреба на нивните содржини од страна на агрегаторите на вести и други дигитални платформи.
Овие измени претставуваат значаен чекор напред за македонското новинарство. Тие не само што го унапредуваат статусот на новинарите како автори, туку и поттикнуваат поголема одговорност кај медиумите и дигиталните корисници во однос на користењето на туѓа содржина. Со ова се создава правна рамка која е поусогласена со европските стандарди и која ја признава вредноста на креативната работа во новинарството.
Филип Мицевски
Правник
Јана Дуковска Деспотовска
Партнер
Поповски и Партнери



