Во мај 2025 година, од страна на законодавниот дом беше изгласан Законот за работно ангажирање на лица кој ќе започне да се применува од 1 јануари 2026 година.
Целта на овој закон е да ги регулира условите за работно ангажирање на лица за вршење работа од повремен или сезонски карактер, со што ќе се овозможи формализирање на неформалната работа, ќе се зајакне заштитата на правата на ангажираните лица и ќе се одговори на потребите на работодавачите.
Работното ангажирање согласно со овој закон не претставува вработување во согласност со Законот за работни односи и се однесува на вршење работа од повремена или сезонска природа во дејностите: земјоделство, шумарство, рибарство, објекти за сместување, угостителски услуги и активности поврзани со домаќинства.
Работодавач според овој закон не може да биде приватна агенција за вработување. Таквите агенции немаат право да посредуваат, ниту да ангажираат лица според одредбите од овој закон.
Ангажирани лица може да бидат:
- лица кои не се во работен однос,
- вработени лица,
- самовработени лица,
- лица помлади од 18 години кои ги исполнуваат условите за засновање на работен однос според општите прописи,
- студенти,
- корисници на старосна и семејна пензија.
Не може да бидат работно ангажирани:
- корисници на семејна пензија по основ на неспособност за работа и самостоен живот,
- странци со регулиран престој, освен ако не е поинаку уредено со закон.
Законот изречно забранува работно ангажирање на лица под 18 години за грижа за деца и стари лица.
Пред започнување со работа, работодавачот е должен да го информира ангажираното лице за:
- видот и начинот на извршување на работата,
- локацијата,
- очекуваното времетраење на ангажманот,
- условите за безбедност и здравје при работа,
- дневното и неделното работно време,
- паузите,
- одморите, и
- висината на паричниот надоместок и начинот и роковите за исплата.
Овие информации се составен дел од пријавата за ангажирање која работодавачот ја поднесува до Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија. Со отпочнување на работата, се смета дека лицето ги прифатило условите наведени од страна на работодавачот во пријавата.
Работодавачот може да ангажира лица најмногу до:
- 120 дена годишно, или
- 180 дена годишно, во зависност од дејноста.
Лице може да биде ангажирано од повеќе работодавачи, но не повеќе од 12 часа вкупно во текот на еден ден.
Работодавачот не смее да ангажира:
- лице што е веќе вработено кај него,
- лице што било во работен однос кај истиот работодавач во последните 12 месеци, освен ако прекинот на вработувањето е поради исполнување на услови за пензија.
Ангажираните лица имаат право на паричен надоместок за секој час на работно ангажирање кој не смее да биде понизок од минималниот нето износ по час утврден со закон.
Надоместокот се исплаќа на трансакциска сметка и претставува основа за пресметка на:
- данок на личен доход,
- придонес за пензиско и инвалидско осигурување,
- дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда или професионално заболување.
Овој приход не се смета за основ за губење на права стекнати со законите од областа на социјалната и детската заштита.
За разлика од редовното вработување, овој закон овозможува ангажирање на поширока група лица, вклучувајќи пензионери, студенти и самовработени, без притоа да се влијае на нивните бенефиции. Работодавачите имаат корист од намалени административни процедури и можност да ангажираат работници само кога има потреба, додека ангажираните лица имаат загарантиран минимален надоместок по час, придонеси за социјално осигурување и заштита на нивните права.
Со донесувањето на овој закон се очекува воспоставување на поправедни и потранспарентни услови на пазарот на трудот, при што се создава јасна правна рамка за повремено и сезонско работно ангажирање која обезбедува заштита на ангажираните лица, а воедно овозможува флексибилност и правна сигурност за работодавачите.
Атанас Чавдаров
Адвокат
Поповски и Партнери



